Образование

Македонија- регионален лидер во спроведување на реформи за иновации и претприемништво

29.10.2015 15:44

Македонија е меѓу 5-те наградени држави на Европската конференција за иновации и претприемиштво, одржана во Џенова. Земјава станува регионален лидер во спроведувањето на реформите од оваа област, вели заменик министерот за образование Ристовски. Наставниците од средните и од основните училишта, на обука за наставните програми по бизнис, претприемништво и иновации...

Во конкуренција на 70 земји, Mакедонија е меѓу петте наградени држави на Eвропската конференција за иновации и претприемиштво која се оддржа во Џенова, Италија. Земјава станува лидер во регионот по спроведувањето на реформите од оваа област, вели заменик- министерот за образование Ристовски.

„За нас ова е крупен исчекор и потврда за сите активности кои ги спроведувавме изминатиот период, а кои се од особено значење за наставниците, а пред се за учениците, кои на еден начин ќе го дочекаат подготвени новото време во кое најголемо значење имаат иновациите, претприемништвото и бизнисот“, изјави заменик министерот Ристовски.

Целосно реформирани се наставните програми по бизнис , претприемништво и иновации,  по нив веќе се предава во македонските училишта . Во нивната изработка учествуваа експерти од Универзитетот „Сент Дејвид“ од Велс, кои се лидери во оваа област.

„Многу очи ќе бидат свртени кон Република Македонија, бидејќи е единствена земја во регионот која навистина ја профати и внесе оваа програма во основното и средното образовение. Вашата академска заедница и вашите политичари имаат визија, сега е време на наставниците да ја доразвијат“, изјави професорот Енди Пеналуна од универзитет „Сент Дејвид“ од Велс.

Наставниците од средните и основните училишта добија обука за новите наставни програми. Академик Таки Фити им порача - кога предавате претприемништво, теоријата да ја комбинирате со практиката. Пред академската фела објасни зошто иновациите се важни за економијата.

„Иновацијата ги облагородува сите останати ресурси. На макро- план, иновацијата и технолошкиот напредок се единствениот фактор кој може да ги помести границите на економскиот раст и развој, при постојни дадени фактори на производство“, нагласи академик Таки Фити.

Од пред неколку години во македонското образование се воведени теми од областа на претприемништвото и иновациите.

 

Викторија Милевска