Одбележани 70 години од основањето на Врховниот суд

29.10.2015 15:52

Претседателката на судот, Неделкова упати апел да не се урива судскиот систем, зашто е штетно за државата и за граѓаните. Признава дека во судството има слабости и аномалии, но дека се преземаат мерки за надминување на состојбите...

Врховниот суд се соочува со предизвик да ги оспори паушалните и неосновани критики за судството. Претседателката на судот, Неделкова упати апел да не се урива судскиот систем, зашто е штетно за државата и за граѓаните. Признава дека во судството има слабости и аномалии, но дека се преземаат мерки за надминување на состојбите.

На критиките се одговара со исправни судски одлуки и со добра судска пракса, вели поранешниот претседател на Врховниот суд, Вангеловски. Според него погрешно е тврдењето дека медиумите вршат притисок врз судиите.

Спикерот Вељаноски посочи дека се случува организирано создавање на недоверба во сите институции, а посебно во однос на судската власт чиј носечки дел е Врховниот суд. Добри се аргументираните критики и судската власт, вели, мора да работи максимално трансапрентно во корист на граѓаните, а не во корист на некои парцијални интереси зад кои стојат тесни кругови.

На одбележувањето на седумдесетгодишнината на Врховниот суд се обратија  и министерот за правда Аднан Јашари и амбасадорката на ОБСЕ, Нина Соумалаинен, а почесни гости на свечената академија беа и претседателите на највисоките судови на Албанија, Косово, БиХ, Србија и Црна Гора.

Врховниот суд на Република Македонија сега има 25 судии, а неговата организација и надлежност е уредена со Законот за судовите, судскиот деловник и деловникот за работа, согласно кои се основани четири судски оддели.

 

Фиљана Кока