Рангирањето на „Дуинг бизнис“ позитивно ќе влијае на привлекувањето нови инвестиции
За балканските медиуми, рангирањето на Македонија на 12-позиција во извештајот на Светската банка е пример како треба да се спроведуваат реформите. Фирмите од земјава плаќаат ниски давачки, лесно се почнува бизнис, олеснета е трговијата. За бизнис – секторот, рангирањето позитивно ќе влијае на привлекувањето нови инвестиции...

Фирмите во Македонија плаќаат три пати понизок данок и извезуваат три пати побрзо од европските земји. Светска банка во најновиот „Дуинг бизнис“ извештај со потврда за добрата деловна клима. Во земјава брзо се отвора фирма, трговијата е олеснета, процедурите се поедноставени.
„Се преговара со работодавачите во насока на подобрување на состојбите за водење бизнис и нормално дека овие мерки кои ги спроведува владата треба да бидат дискутирани низ процесот на дијалогот за да може уште подобро да влијаеме на економските текови во регионот и секако во светот“, смета Миле Бошков, претседател на Конфедерација на работодавачи.
Според индикаторот за плаќање даноци, даночната стапка во земјава е три пати пониска во однос на земјите од Европа и централна Азија, а за 3,5 пати пониска во однос на просекот на ОЕЦД (Организацијата за економска соработка и развој). На фирмите им остануваат повеќе пари.
„Рангирањето на Дуинг бизнис, извештајот на Светска банка е еден позитивен маркетинг за Република Македонија, односно позитивно влијае како земјите од надвор, од регионот и светот гледаат на Република Македонија како дестинација која е поволна за отпочнување и водење на бизнис“, вели Данела Арсовска, претседател на ССК.
Во последниот извештај на „Дуинг бизнис“ Македонија е 6-та во Европа, а на 12-тото место во светот во конкуренција на 189 држави. За успехот и напредокот на земјава пишуваат и светските медиуми.
Албанските, наведуваат дека Македонија не само што е на првото место на листата на земји од Западен Балкан, туку е и на самиот врв меѓу земјите со најдобра бизнис-клима.
Хрватските медиуми, пак, напоменуваат дека подобро рангирани од Хрватска во регионот се Македонија и Словенија. Напредокот на Македонија се најде и во извештаите на кинеските новински агенции.
Сунчица Николоска
