Европски пари за проекти на аудиовизуелната индустрија

29.10.2015 16:37

Потпрограмата „Медиа“ од програмата „Креативна Европа“ им дава шанса на независните продуценти. Објавен е повикот за средствата...

Европски пари за македонските филмаџии. Во тек е повикот за аплицирање со проекти за средствата од програмата на ЕУ за Аудиовизуелната индустрија. Акцентот е на независните продуценти кои своите филмови ги развиваат на филмските фестивали и на оние кои работат со младите и ги учат за филмот.

„На располагање се пет милиони евра со тоа што 160 проекти ќе добијат пари. Тука се фиксни износи за кои еден продуцент може да се кандидира. Значи од 25.000 евра за документарен филм до 60.000 евра за анимиран филм, за фестивалите од 19.000 до 75.000 евра“, вели Сабина Бришки, Креативна Европа- потпрограма „Медиа“ на Република Словенија.

Македононија од јули стана членка на оваа програма, со што се  отворија и првите конкурси за нас.

„Конкурсите се достапни преку потпрограмата Медиа за нашите продуценти и филмаџии, се работи за фестивали, развој на сценарија, промоција, дистрибуција на филмови, продажба, едукација итн. Тоа се 14 конкурси во текот на годината на кои нашите заинтересирани може да аплицираат на оваа програма. Програмата Креативна Европа е достапна за сите членки и станува збор за огромен буџет“, вели Дарко Башевски - директор на Агенција за филм. 

Изготвена е и брошура во која се опфатени сите програми на Европската унија кои Македонија може да ги користи.

 

Андријана Атанасовска