Светска банка: Македонија во континуитет спроведува реформи
Авторите на извештајот на Светска банка „Дуинг бизнис“ велат дека Македонија континуирано работи на реформи со кои се олеснува инвестирањето и бавењето со бизнис во земјата, но и на новата методологија на експертите која подетално ги скенира условите за бизнис во 189 држави во светот...

Порано трговијата на државата надвор од границите не била толку детално оценувана како и регионалната соработка. Токму тука оваа година, Македонија прави голем скок, за меѓуграничната трговија се најде на 26-то место во светот, што повлекува и одлична регионална соработка, велат експертите на Светска банка што ги консултираше Македонската телевизија. Намалувањето на бирократските процедури за започнување на бизнис на само една, е фактор што ја пласираше Македонија на второ место во светот.
„Во минатото, индикаторите на „Дуинг бизнис“ се фокусираа на ефикасноста на регулаторните процеси. На пример, колку е лесно или тешко да се добие градежна дозвола, колку чекори се потребни, трошоци и време за тоа. Затоа оваа година, ги проширивме индикаторите на регистрација на имот, механизмот на спроведување на договорите, добивање на електрична енергија и градежна дозвола, за да се види квалитетот на правилата за овие разлини процеси. Нов показател оваа година беше собирањето информации за прекуграничната трговија. Оваа година, ја гледаме прекуграничната трговија преку царинските правила, не само трговија преку море, туку како во случајот со Македонија и трговијата со соседите и прекуграничната трговија“, изјави Валентина Салтане, Светска банка.
За почитување е што голем процент од македонските граѓани редовно плаќаат даноци и придонесуваат за добрата оценка на Македонија. Подобрувањето на инфраструктурата во земјата ќе придонесе за подобро рангирање на Македонија во иднина, сметаат авторите на извештајот „Дуинг бизнис“. И покрај економската криза, Македонија успева да привлече инвестиции, но новата бегалска криза во Европа може да влијае на условите за бизнис.
„Оваа година директно не го мериме влијанието на бегалската криза, но ако таа има последици врз локалните процеси за домашните бизниси, на пример, ако е потешко да се регистриа имот или потешко се одвиваат судските процеси, тоа се разбира ќе има негативни последици по различни индикатори. Но идната година ќе видиме дали се променила бизнис климата поради зголемувањето на работната сила“, изјави Салтане.
Полесното добивање на електрична енергија и кредит, може позитивно да влијае на бизнис климата во Македонија, оценуваат од Светска банка. Глобално кога светот се соочува со климатски промени и последици од тоа, определбата на Македонија да обезбеди алтернативни и чисти извори на енергија е за поздравување, велат економските експерти.
Во првиот извештај „Дуинг бизнис“ објавен во септември 2003-та Македонија била на 81-то место. Дванаесет години подоцна во најновиот извештај за 2016-та година се најде на 12-то место.
Ирина Гелевска
