50 анимирани филмови на 5-от „Анимакс Скопје Фест“

30.10.2015 12:35

Настанот ќе се одржува од 5-ти до 8-ми ноември под мотото „Пет години движење“, во Кино Фросина, МКЦ и Кинотека на Македонија...

На петтото јубилејно издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ ќе бидат прикажани 50 филмови, од кои 7 се наменети за детската публика.  Новитет во ова фестивалско издание е проширувањето на времетраењето на овој фестивал од три на четири фестивалски денови. Настанот ќе се одржува од 5-ти до 8-ми ноември под мотото „Пет години движење“, во Кино Фросина, МКЦ и Кинотека на Македонија.

Во четирите фестивалски денови на „Анимакс Скопје Фест“ ќе бидат прикажани 40 краткометражни филмови и 7 филмови за деца во официјална конкуренција. Тие се избрани од пријавените рекордни  427 анимации од 56 земји во светот, меѓу кои најголем број од: Франција, Хрватска, Шпанија, САД, Русија, Србија,  Англија, Иран, Сингапур и др. Новитет годинава е и прикажување на долгометражни анимирани остварувања во ревијалниот дел на програмата.

Голем дел од филмовите кои се борат за Златната тула се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.

Традиционално на последниот ден од фестивалот, 8-ми ноември, ќе бидат доделени наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула, а за нив ќе одлучува интернационална жири комисија. Исто така ќе биде доделена и Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат децата во четири фестивалски денови. Градоначалникот на Град Скопје ќе додели Специјална плакета на авторката од Шпанија, аниматорката Диди Родан.

На последниот фестивалски ден Родан ќе изведе перформанс во живо на тема „Гнездо за тебе“ со својата техника на анимирање со песок – емотивно визуелно доживување придружено со аудио перформанс надополнет со изведба на шпанска поезија.

За време на фестивалот ќе бидат одржани и 4 работилници во просториите на Кинотека на Македонија, Кино Фросина, МКЦ и Агенција за филм на РМ.