Џанков: Македонија е доказ дека со реформи може да бидете меѓу најдобрите земји за бизнис во светот
Македонија е топ реформатор, на 12-то место во светот по условите за водење бизнис. Како земјава се качи на врвот на листата „Дуинг бизнис“? За емисијата Бизнис 365 зборува креаторот на извештајот „Дуинг Бизнис“, Симеон Џанков...

„Македонија е доказ дека со имплементирање реформи, не само во изминатата година, туку континуирано во последните 7-8 години, може да бидете меѓу најдобрите земји за бизнис во светот, а не само во регионот“, вели економистот и креатор на извештајот „Дуинг Бизнис“, Симеон Џанков, кој инаку е поранешен вицепремиер и министер за финансии на Република Бугарија.
Џанков објаснува дека извештајот „Дуинг Бизнис“ на Светска банка ги опфаќа сите нешта низ кои поминува една компанија кога започнува бизнис некаде. Ги опфаќа начините за основање на компанијата, пристапот до кредитирање, како да се добие градежно земјиште, како може таа компанија да порасне, да вработи работници, како да се поврзе до електричната мрежа за да може да произведува- воопшто сѐ она што и е потребно на една компанија за да опстои. Според него, голема предност за компаниите во Македонија е што многу процедури можат да ги завшат он-лајн.
„Во последниве години Македонија е многу подобрена на полето на е- Влада, па ако сакате да започнете нов бизнис во земјава, вие тоа може да го направите електронски, се е онлајн. Тоа може да се направи многу брзо, што ја намалува можноста за корупција. Регистрацијата на имотот исто така стана он-лајн процес во Македонија, компаниите побрзо можат да дојдат до кредити. Се што е поврзано со ефикасност на административните процедури, Владата го подобри“, нагласива Џанков.
Џанков кој е еден од креаторите на „Дуинг Бизнис“ вели дека речиси 100 вработени во седиштето на Светската банка во Вашингтон го подготвуваат овој извештај секоја година, 13 години по ред. Низ светот, пак Дуинг бизнис располага со 14 илјади консултанти кои работат на подготовка на извештајот. Па за да се подготви еден ваков извештај потребни се 15 илјади луѓе.
„Кога има рангирање на било што, секогаш постои контроверзност. Некои критикуваат дека овој извештај не ги опфаќа сите фактори. Најчесто критиките доаѓаат од земјите кои не се баш среќни со резултатите од извештајот, бидејќи се наоѓаат на подолните скалила. Секогаш треба да гледаде од каде доаѓа критиката- дали доаѓа од земјите кои се послабо рангирани или од опозициските партии, тоа не е случај само во Македонија“, објаснува Џанков.
Споредувајќи ги резултатите од најновиот ивештај во којБугарија се наоѓа на 39-тото место на извештајот, а Македонија на 12-то, Џанков вели дека разликата помеѓу двете соседски земји е во тоа што ист тим од Министерството за финансии во Македонија, во изминативе 7-8 години континуирано работи на спроведување и подобрување на реформите, додека пак во Бугарија, во изминатиот период имаше промена на неколку влади, па затоа не може да се постигне истиот фокус.
„Бугарија исто така се подобри, но стигна на 39-тото место. Полска, исто така која е напредна европска економија, се наоѓа на 25-тото место и е зад Македонија. Заклучокот е- не се потребни само едногодишни реформи, туку континуирани реформи низ годините“, заклучува Џанков.
Целиот разговор гледајте го во емисијата Бизнис 365 на МРТ1, понеделник во 20:15
