Реформите се чувствуваат во практиката
Над триесет милиони предгледи за само еден ден има он-лајн верзијата на извештајот на „Дуинг бизнис“. Овој податок е доволен показател за неговата релевантност во деловниот свет - вели економистот на Светска банка, Симеон Џанков, кој ја мери деловната клима во земјите. Вели дека е невозможно да се манипулира со резултатите. Домашните банкари со оценка дека реформите се чувствуваат и во практика...

Нотираните реформи од Светска банка не стојат само во Извештајот „Doing business“, тие се чувствуваат во практиката – оценува долгогодишниот македонски банкар, Глигор Бишев. Според него, 12-то место е признание за македонската економија и за македонските институции.
„Конкуренцијата не се чувствува само во делот на производите и на услугите, туку и во сферата на институциите. За нас како банки е многу важно дали нотарите, извршителите, катастарот ефикасно функционираат, многу е важно како оди воспоставувањето и регистрирањето на нови компании. Ова не се чувствува само во извештајот на Светска банка, туку и во практиката. Со ова се намалуваат трошоците на банките, а ние нудиме трошоци со пониски каматни стапки“ – изјави Глигор Бишев, банкар.
Македонија во Извештајот на Светска банка е рангирана како 6-та во Европа и најдобра во регионот. Зад нас се Словенија, Бугарија, Хрватска и Грција - земји од соседството кои се веќе дел од ЕУ. Поранешниот министер за финансии на Бугарија и еден од водечките економисти во Светска банка, Симеон Џанков, вели дека Македонија во изминативе години во континуитет прави реформи и оттука е високата позиција во извештајот. Тој вели оти е невозоможно да се манипулира со резултатите.
„Искрено, голем дел од критиките доаѓаат од земји кои не се среќни со Извештајот, бидејќи заостануваат во рангирањето. Критикитите, и во Македонија и во другите држави, доаѓаат од земји кои заостануваат во рангирањето или ,пак, од опозициските партии кои велат дека Владата не е толку добра, или некако влијаела врз резултатите. Тоа не може да се случи, бидејќи 15 илјади луѓе го составуваат овој индекс“, вели Симеон Џанков, економист и поранешен министер за финансии на Бугарија.
Светска банка кај Македонија нотираше напредок во сите индикатори кои се опфатени со Извештајот, како започнувањето бизнис, плаќањето даноци, надворешната трговија. Во сите 10 области, земјава е меѓу првите 50 во светот.
Мартин Пушевски
