3.000 работници вклучени во изградба на патната инфраструктура
Забрзано се пробива Скопје-Штип, делницата која треба да обезбеди брза сообраќајна комуникација и услови за економски развој на источниот регион, објави Груевски на Фејсбук. Во изградбата на патната инфраструктура се вклучени 3 илјади работници...

Нашите ветувања и дадениот збор стануваат реалност и видливо дело наменето за граѓаните, напиша на својот Фејсбук профил, премиерот Никола Груевски. Сподели снимка од изградбата на автопатот Миладиновци- Штип. Градежната оператива е на терен. Интензивно се работи на делницата која треба да обезбеди брза сообраќајна комуникација, услови за економски развој на Источниот регион и подобар стандард за граѓаните.
„Новиот автопат Скопје - Штип забрзано се пробива, за поквалитетно поврзување на источна Македонија, за економски напредок и поквалитетен живот на граѓаните. Продолжуваме со реални дела да ја покажуваме нашата посветеност кон напредокот, обезбедување на услови за развој и подобар стандард“, објави премиерот Груевски.
Околу 3 илјади работници се вклучени во изградбата на патната инфраструктура во земјава. Нови работни места ќе отворат и новите проекти за подобрување на патната мрежа.
„Следната година се очекува проширување на голем дел од проектите како и воведување во работа на нови патни правци. Се очекува овој број дополнително да расте, што значи отворање на дополнителни нови работни места и вработување на нашите граѓани“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Изградбата на автопатот Миладиновци – Штип почна лани во мај, а треба да заврши во септември 2017 година. Делницата е долга 47 километри. Градежната машинерија е распослана и на трасата од Кичево до Охрид која за неколку години ќе стане модерен автопат. Се гради и автопатот Демир Капија - Смоквица, а се обновува и делницата Велес – Катланово. За две до три години треба да бидат завршени 155 киломери нова патна инфраструктрура во земјава. Вредноста на проектите треба да чини околу 800 милиони евра.
Сунчица Николоска
