Македонското малцинство-проблем за Софија
Стар проблем-нова болка....

Стар проблем-нова болка. Бугарскиот министер за надворешни работи, Кристијан Вигенин, во интервју за софиско радио потенцира дека еден од најчувствителните елементи од договорот за добрососедство со Македонија е промена на член 49 од Уставот на замјава. Се однесува на заштита на македонското малцинство во соседните земји.
„ Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. “
„ Не би сакал да навлегувам во детали , но тоа е важен елемент од договорот. Преговорите продолжуваат а тоа е еден од најчувствителните елементи од договорот. Нема како да се откажеме од формулација , која гарантира дека овој член од Уставот не е и не може да биде предуслов за мешање во внатрешните работи на Бугарија,вели за радиото Кристијан Вигенин-министер за надворешни работи на Република Бугарија.
Еднаш модифицираниот член од Уставот нема да биде повторно ниту разгледуван, велат од македонското министерство за надворешни работи. Во нивниот официјален став за македонската телевизија велат:
„ Нема никаква промена, македонскиот Устав е наша работа, бугарскиот Устав е нивна работа. Најважно е соработката да се води од европските принципи за меѓусебно почитување и не мешање во внатрешните работи. Сите можни стравувања треба да се решаваат низ дијалог. “
Професорот Денко Малески предупредува дека ваквите изјави кои воопшто не се нови, мора да се сфатат многу сериозно.
„ Темата која ја отвора Бугарија е посериозна во идентитетска смисла дури и од дебатата со Грција, каде што работите според мене се многу почисти. Е сега замислете, ако со Грција имавме волку проблеми што не чека со Бугарија. Мислам дека се должи на наивност, на незнаење дека тоа е лесен проблем и дека треба само да се договорат некои работи. “, изјави Денко Малески, универзитетски професор.
И амбасадорот Ристо Никовски се согласува дека ваквите услови од Бугарија не смеат да се занемарат. Но за него е многу важно да се обрне внимание и на барањето за јазикот.
„ Ако ние потпишеме еден договор со таква формулација нема никаква шанса дека еден ден кога ќе не примаат во Унијата и во НАТО, за нашиот јазик дека ќе стои македонски јазик. За сите ќе стои италијански, шпански, грчки...за македонскиот ќе стои-македонски според Уставот. Значи нешто што е измислено. “, смета Ристо Никовски-амбасадор
Професорот Малески советува, македонските политичари мораат да имаат заеднички став со кој ќе настапуваат на меѓународната сцена. Во тој случај при секое седнување на маса за разгледување какви било барања од соседите, прво ќе мора да им се објасни дека мораат да ги почитуваат нашите посебности.
Експертски тимови од Македонија и Бугарија веќе одржаа неколку заеднички средби, а министрите и на двете држави истакнаа дека дијалогот за добрососедство продолжува и е на добар пат.
Новинар: Катерина Топалова
Снимател: Шенол Ахмети
