Индустријата го носи економскиот раст

01.11.2015 16:22

Растот на индустриското производство од 8,6 проценти во септември влева надеж дека ќе се оствари проектираниот раст на бруто – домашен производ. Бизнисмените велат дека фирмите засилено работат за да одговорат на нарачките. Бараат да се продолжи со инфраструктурните проекти...

Македонската индустрија фати залет – во септември е регистриран раст од 8,6 проценти. Бизнисмените велат дека овие податоци охрабруваат и влеваат оптимизам дека ќе се испорача проектираниот раст на БДП.  Ако немаше политичка криза, растот ќе беше уште поголем – оценува првиот човек на Раде Кончар. Покриени се со нарачки.

„Имаме нови нарачки од Албанија, од Црна Гора. Нашите капацитети ќе бидат опфатени од април, мај следната година. Тоа дава поттик дека растот ќе биде уште поголем од моментално. Иако се среди малку политичката ситуација, тогаш ќе очекуваме уште поголем бенефит од овој сега“, вели Аце Антевски.

Индустријата бележи позитивни трендови кои ќе продолжат и во иднина – оценуваат од Сојузот на стопански комори. Бараат да се продолжи со инфраструктурните проекти.

„Градежништвото, останатите 20 индустриски сектори кои се поврзани со градежништвото, ќе бидат носители на понатамошниот раст на индустриското производство, меѓутоа, ќе придонесат за раст и на бруто- домашниот производ во третиот квартал“, вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.  

Според податоците на Државниот завод за статистика, преработувачката индустрија бележи раст од 11,2 процента, а по индустриски групи, приматот е кај капиталните производи со позитива од 24,4 проценти. Вкупниот раст на индустријата во деветте месеци од годинава изнесува 2,5 отсто.

 

Анита Димитријевска