Пациентите задоволни од битолската клиника

02.11.2015 10:24

Иднава недела треба да стартува реконструкцијата на битолската клиника, проект вреден 130 милиони денари. Во спроведената анкета на Министерството за здравство, пациентите од оваа болница истакнале дека се задоволни од квалитетот на услугите...

По неколкогодишните реформи и воведување на нови медицински методи, следени со континуирани капитални инвестиции во софистицирана опрема, драстично е промената перцепцијата за квалитетот и услугите што ги нуди битолската Клиничка болница. Водечкото место со над 86 проценти во низата позитивни критики според последната спроведена анкета е проектот „Мој термин“. Со високи над 70 проценти од анкетираните пациенти се задоволни од стручноста на лекарите. Над 60 проценти поддршка за достапноста и љубезноста на лекарите и останатиот медицински персонал, како и пружената нега. Параметрите на оваа независна анкета се чини кореспондираат со искажаното и на случајно затекнатите во болницата.

„Приликите ми наложуваат многу често да доаѓам во болницата. Ако зборувам за севкупните оценки нескромно ќе биде да кажам дека нема подобрување во давањето на медицинската помош и негата“, вели еден пациент.

„Прилично сум задоволен од услугата и од она што го гледам како се опремува болницата“, вели друг пациент.

„Во глобална смисла имам позитивни оценки, а за некои лекари дури и одлични“, вели пациент во болницата.

Позитивена насока има и задоволството на медицинскиот персонал. Близу седум милиони евра се вложени во апарати за кои лекарите дотогаш сонувале. Сега имаат можност да воведуваат нови медицински медоди на лекување, а со тоа нивната стручност да биде на високо ниво.

„Задоволството ќе биде уште поголемо затоа што ќе работиме на можностите за нивна доедукација, како и на рехабилитирање на уште други инфраструктурни досегашни проблеми, се со цел тие да бидат задоволни, а пациентот да остане во центарот на вниманието“, вели Василе Најдовски, директор на битолската Клиничка болница.

Кога е во прашање овозможување на подобри услови за работа и лекување  последниот збор сеуште не е кажан. Од средината на следнава недела започнува темелната надворешна и внатрешна реконструкција. Инвестиција тешка 130 милиони денари е реконструктивен зафат каков што досега не памети медицинската установа стара над 40 години.

 

Стевче Митревски