Нимиц за „Катимерини“: Време е да се реши прашањето со името
Медијаторот вели дека во текот на минатата година прашањето за името не било меѓу приоритетите, бидејќи двете земји имале и други важни прашања...

Дојде време да се реши прашањето со името. Решението може да биде сложено име со географска одредница со терминот Mакедонија, вели медијаторот за спорот со името, Метју Нимиц во интервју за грчкиот весник „Катимерини“.
Специјалниот претставник на Обединетите Нации, можеби за прв пат ги изнесува јавно неговите ставови и мислења. Медијаторот вели дека во текот на минатата година прашањето за името не било меѓу приоритетите, бидејќи двете земји имале и други важни прашања.
„Јас сум апсолутно убеден дека проблемот е решлив, за доброто на двете земји. Ова не е случај на „нулта сума“, кога една страна победува, а другата губи. Може да има решение што ќе биде од корист за двете земји, кое ќе ги покрие националните цели што двете страни ги сметаат за важни“, изјави Нимиц додавајќи дека процесот за решавање мора да се забрза и во него да се вклучат и лидерите на двете земји.
Медијаторот за грчкиот весник истакнува дека Генералниот секретар на светската организација, кој добро го познава спорот, го повикал да го реши проблемот во следните 15 месеци, односно до крајот на мандатот на Бан Ки Мун.
