1,3 милиони евра за македонските иноватори

02.11.2015 12:28

Преку Фондот за иновации на македонските иноватори на располагање им се милион и 300 илјади евра. Средства што овозможуваат прифаќање и на апликации за посложени и поскапи иновативни проекти, но и поле за активирање на нучниот кадар...

Новата технологија си го прави своето. Компјутерите и останатите алатки помагаат, но сепак иновативната креативност останува на творецот. Младите научници велат ова е доволно за да се дојде до некаква иновација, но за да се впуштите во иновативен проект кој ќе биде применлив и ќе биде од посебно значање, потребни се средства.

„Поставување на прв прототип, потоа тестирање и се она друго што е потребно е долг пат кој може да се издржи само со соодветни средства. Новиот иновативен фонд нуди сите фази да можат да се заокружат и да се направи нешто што ќе биде корисно“, вели студентот- иноватор, Благоја Стојчевски.

Истражувачко- научен предизвик што може да го разбере само оној што работел на иновација.

„Чувството е пракрасно и кај себе и кај колегите кога ќе финализирате нешто кое ќе биде од корист за опшеството“, вели младиот истражувач Петре Јовановски.

Тие се дел од иновациското портфолио на Техничкиот факултет, високообразовната институција која изработила многу домашни применливи иновативни проекти, но е и дел од низа европски програми, платформа што ги опфаќа земјите од Западен Балкан.

„Целта е обединување на материјалните и човековите ресурси за да се збогатат научно истражувачките активности на универзитетите што припаѓаат на земјите од овој регион“, вели проректорката по настава на УКЛО, проф. д-р Елизабета Бахтовска.

Во развојната агенда на универзитетот, истрачувачко научната дејност има примат. Новиот иновативен фонд тежок милион и 300 илјади евра, е вистински поттик и за 350-тина професори.

„Ваквите програми мора да го потикнат професорскиот кадар, често се жалевме на средства- еве сега поле за работа, еве можност да го преточиме знаењето во иновативни проекти“, вели ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски.

Иновативна политика која ќе овозможи Македонија да фати чекор со напредните земји и да стане уште препознатлива кај странските инвеститори, кои преку стипендии, веќе ги маркират талентираните млади научници.

 

Стевче Митревски