Континуиран раст на осигурителниот сектор

02.11.2015 16:04

Осигурителниот сектор во земјава бележи континуиран раст во сите сегменти. Резултатите задоволуваат, но потребна е поголема соработка меѓу банките и осигурителните компании. Земјоделците, пак, се чини ја учат лекцијата од поплавите. Се поголем е бројот на оние кои го осигуруваат својот имот. Државата покрива 60 проценти од трошоците...

Македонскиот осигурителен сектор континуирано расте во сите сегменти. Во 2015-та е остварена вкупна позитива од 6,1 процент – покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија. Осигирутелните компании нижат профити, се зголемуиваат и премиите. Во делот на животното осигурување е остварен раст од цели 21 насто, кај неживотното над 7 проценти.

„Друштвата кои работат на македонскиот пазар остваруваат висока стапка на раст на бруто полисираната премија, раст на вкупната актива, остваруваат солидни финансиски резултати, како и зголемување на бројот на вработени“, вели директорот на Агенција за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски.

И земјоделците ја научија лекцијата од временските непогоди, сè почесто ги осигуруваат своите посеви. Годинава се склучени 3,784 договори, а кај бруто-полисираната премија е остварен раст од високи 63 проценти. Надлежните со совет до земјоделците- државата покрива 60 проценти од трошоците.

„Со оглед на состојбите во земјоделството и високите суми што секоја година се одвојуваат за обештетување на земјоделците од страна на владата, со Европа Ре сме во разговори за воведување на нов производ со кој државата ќе ги осигура од град и поплава на територијата на цела Република Македонија. Ова е еден уникатен производ кој  очекуваме во блиска иднина да стане реалност“, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.  

Новина на пазарот е и банкарското осигурување, кое засега го нудат само три банки, но како што смета гувернерот Богов, неговото време допрва доаѓа.

„Кај нас веќе се присутни кредити како комбинација на стамбени кредити и осигурување на животот на кредитокорисникот. Наскоро очекуваме понуда и на други комбинации“, вели гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов.

Во меѓувреме, се подготвува нов Закон за регулирање на осигуритената индустрија, усогласен со директивите на Европската Унија.

 

Анита Димитријевска