Отворена книга на жалост во Руската амбасада во Скопје

02.11.2015 16:22

Македонскиот народ сочувствува со семејствата на загинатите во авионската несреќа над Синај. Голем број граѓани, своите пораки ги оставија во книгата на жалост во Руската амбасада во Скопје...

Цвеќиња, мечиња, запалени свеќи. Ова е сликата пред амбасадата на Руската Федерација во Скопје. Македонскиот народ сочувствува со семејствата на загинатите во авионската несреќа над Синај. Голем број граѓани, своите пораки ги оставија во книгата на жалост.  

Рускиот амбасадор во земјава, Олег Шчербак, изрази благодарност до македонските граѓани и власти за споделување на тагата и болката во овие тешки мигови за Русија.

„Тоа е една ужасна трагедија во која загинаа 224 луѓе, од кои 24 деца. Меѓу патниците на авионот беа 4 државјани на Украина, еден на Белорусија. Им се заблагодарувам на сите државјани на Република Македонија, луѓето доаѓаат, се потпишуваат во книгата на жалост, носат цвеќиња“, изјави Олег Шчербак, амбасадор на Руската федерација во Република Македонија.  

Книгата на жалост ќе биде отворена и утре во просториите на руската амбасада во периодот од 11 до 17 часот. Претседателот Иванов, синоќа од Рим, испрати писмо со сочувство до неговиот колега Владимир Путин.

Игор Панов