„Надворешна сила“ го преполовила рускиот авион

02.11.2015 16:30

Москва повика на запирање на сите, особено на медиумските шпекулации, се додека трае истрагата, која поради чувствителноста на техничките и материјалните докази може да потрае неколку месеци...

Само надворешна, механичка сила можела да го преполови рускиот Ербас над Синај, согласни се и руските власти и првите луѓе на авиокомпанијата. Москва повика на запирање на сите, особено на медиумските шпекулации, се додека трае истрагата, која поради чувствителноста на техничките и материјалните докази може да потрае неколку месеци- исто како и на инцидентот со холандскиот авиопревозник над Украина.

„Црните кутии ќе ги дадат одговорите, но можам да кажам дека авионот немал проблеми со моторот или оштетување во системот. Во моментов единствено разумно објаснување е дека  одредено влијание или надворешен фактор е виновен за несреќата“, вели Александар Смирнов.

И натаму е актуелна тезата дека е поставена експлозивна направа во леталото. Авиокомпанијата, од друга страна ја отфрла можноста за човечка грешка. Црните кутии кои треба да ги дадат одговорите не се оштетени, изјави египетскиот министер за надворешни работи. Тие ќе бидат прегледани од меѓународен тим, за да се анулира каков било сомнеж во истрагата. Директорот на Американското национално разузнавање изјави дека нема директен доказ за тероризам, но истрагата од 20 се прошири на радиус од 30 километри на местото на падот.

„Без сомнение треба да се направи се за да се создаде објективна слика на тоа што било за да знаеме што се случило и да реагираме на соодветен начин, оваа работа треба да продолжи се додека не бидеме целосно уверени дека оваа етапа е завршена“, изјави претседателот Путин.

Во меѓувреме, посмртните останки на 144 од  вкупно 224 жртви изутрината пристигнаа на аеродромот  во Санкт Петербург.

„И вториот авион наскоро ќе полета од Каиро. Се е организирано за, на некој начин да им помогнеме на семејствата на жртвите“, вели министерот Владимир Пешков.

И додека Русија тагува по настраданите во мистериозната несреќа во земјата е ден на жалост.

 

Марија Петковска