Рели Дакар 2014

Шпанците Рома и Кома триумфално низ Јужна Америка

19.01.2014 11:06

Врвот на авто-мото авантуризмот, релито Дакар коешто и годинава се одржа низ пустинските предели во Јужна Америка, во целост им припадна на шпанските херои на две и на четири тркала. Нани Рома оствари векупен триумф меѓу автомобилистите, а Марк Кома се радуваше во конкуренција на мотоциклисти.

Врвот на авто-мото авантуризмот, релито Дакар коешто и годинава се одржа низ пустинските предели во Јужна Америка, во целост им припадна на шпанските херои на две и на четири тркала. Нани Рома оствари векупен триумф меѓу автомобилистите, а Марк Кома се радуваше во конкуренција на мотоциклисти.

Десет години откако победи на оригиналниот Дакар како мотоциклист, Нани Рома ги заслужи почестите на престижното натпреварување и како возач на автомобил, со што го повтори дострелот на француските великани Стефан Петерхансел и Ибер Ориол.

Налик на случувањата во формула 1, завршната 13.етапа донесе своевидна спортска антипропаганда. Успехот на Рома воопшто не можеше да биде загрозен, со оглед дека тимската наредба на Мини возачите да ги задржат своите позиции од средата оневозможи борба до последен здив. Првото место на Шпанецот беше загарантирано, иако рекордерот на Дакар, 11-кратниот шампион и бранител на титулата од лани, Петерхансел, по петочниот пресврт поради проблемите на Рома, ја почна најкратката етапа од 157 километри со водство од 26 секунди. Сепак, во согласност со наредбите на тимот издадени уште во четвртокот, Французинот мораше да забави, дури и застана, за неговиот тимски колега Рома „победнички“ прв да влезе во Валпараисо. Сето тоа осигура Рома, Петерхансел и Катарецот Насер Ал-Атијах, да завршат на трите први позиции на победничкиот пиедестал. Возилата на Мини намерно заеднички минаа низ целната линија, со што симболично ја потврдија доминацијата на годинашното рели. Формално, етапата му припадна на Јужноафриканецот Жиниел де Вилие во Тојота.

„Ми се оствари сонот“, кратко изјави Рома, посветувајќи му ја победата на поранешниот совозач Анри Мање, кој загина пред осум години. Заедно со неговиот сегашен совозач Мишел Перин, Шпанецот е непоразен на последните пет релија на коишто настапи.

Четврти пат лауреат меѓу мотоциклистите стана сонародникот на Рома, Марк Кома. По успесите во 2006, 2009 и во 2011, натпреварувањето коешто почна во Аргентина пред две недели тој го заврши со вкупна разлика од еден час и 53 минути во однос на тимскиот колега од КТМ, сонародникот Жорди Виладомс. Трет беше Французинот Оливие Пан од Јамаха, а четврти петкратниот победник, ланскиот славеник Сирил Депре, и тој од Франција.

Кома го презеде врвот по петтата етапа во Тукуман и оттогаш знаеше да ги избегне сите ризици, додека неговите конкуренти се соочуваа со најразлични проблеми.

„Посебно ќе го паметам овој успех, бидејќи не знам дали некогаш ќе можам повторно да триумфирам“, рече Кома по прогласувањето. Најбрз во етапата, инаку, беше Депре.