САД: Конгресот го усвои буџетот за 2016-та, повеќе пари за безбедност и за средната класа

03.11.2015 09:59

Буџетот на САД за 2016-та година е 3,8 трилиони долари, наменети пред се подобрување на стандардот на средната класа американци, поголемо финансирање на воените сили и државните агенции за безбедност. Буџетот предвидува намалување на финансирањето на здравственото осигурување и социјалата...

Само една недела пред да се потрошат средствата за финансирање на државата, американскиот Конгрес го усвои буџетот за 2016-та година, со што се избегна уште едно парализирање на институциите. Буџетот на САД е 3,8 трилиони долари, или нешто помалку од буџетот од 4 трилиони долари што го побара американскиот претседател Барак Обама.

„Лидерите во Конгресот постигнаа компромис за буџетот што е добар за земјата. Овој договор ќе ја финансира државата за две години и ќе го зголеми долгот за да можеме да ги исполнуваме обврските. Договорот ги отсликува нашите вредности со зголемување на економската сигурност на средната класа преку инвестиции во инфраструктѕрата, училишта, јавното здравство и други важни приоритети за нашата земја и со чувањето на државата безбедна“, изјави Џек Лусекретар на Департмент за трезор.

Со буџетот ќе се зголеми финансирањето на воените сили и агенциите што се грижат за безбедноста на Америка, но ќе се намали финансирањето на здравственото осигурување, социјалната помош и други државни трошоци. Првиот човек на американскиот трезор побара за да се зачува меѓународниот углед на земјата, Конгресот да ги усвои и  реформите за Меѓународниот Монетарен Фонд.

„Со цел да го продолжиме лидерството во светот, апелирам до Конгресот да го усвои реформите на Меѓународниот Монетарен Фонд од 2010-та. Ако не успеем да ги усвоиме овие реформи, ќе ја заргозиме нашата лидерска позиција и влијание врз одлуките на ММФ, и другите земи вклучувајќи и нашите сојузници ќе ја стават под знак прашање нашата определба кон ММФ и други мултибилатерални институции. Администрацијата останува на определбата да се најде начин за спроведување на овие реформи што е можно побрзо“, истакна Лу.

Според прогнозите, само идната година во САД ќе се отворат нови 340 илјади работни места.

Буџетот за 2016-та е почеток на десетгодишен план кој до 2024-та би требало да го елиминира дефицитот.

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ