Промовирана монографијата „Прилеп- милениумско пулсирање 1014-2014“

03.11.2015 11:59

Прилеп доби капитално дело. Во монографија насловена „Прилеп-милениумско пулсирање“ е раскажана богатата илјадалетна историја, но и култура на градот под Марковите кули...

На 600 страници се раскажани илјадагодишната историја, култура и напредок на Прилеп. Градот за прв пат доби сеопфата монографија насловена „Прилеп -милениумско пулсирање 1014-2014“.

„Оваа монографија ја доживувам како заслужен и достоинствен подарок по повод илјадалетието на градот Прилеп и како неизоставен и високовреден дел од прилепската и македонската колективна меморија“, вели Слободан Беличански, промотор на Монографијата.

Монографијата трајно ќе ја зачува приказната која пред илјада години почнала со Прилапон, а денес живее со модерен Прилеп.

„Може да се нарече енциклопедија на град Прилеп која ќе служи од аспект на историја, едукација, од сите можни потреби кои ќе ги интересираат и граѓаните, обичниот човек, па и едуцираните луѓе“, изјави Љупчо Попоски, претседател на Друштвото за наука и уметност на Прилеп.

Ова капитално дело е за минатото, но уште повеќе за иднината на градот.

„Многу ќе важи за сегашниот и иден развој на градот, но ќе значи и за потсетување на се она што се случило во претходните илјада години, да се потсетиме и сегашните, и идните генерации“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

40 стручњаци- прилепчани на монографијата работеа две години.

 

Елизабета Митреска