Нова опрема во Заводот за физикална медицина и рехабилитација

03.11.2015 14:43

За подобар третман на пациентите во изминатиот период во оваа здравствена установа беа вработени и осум доктори. За уште двајца постапката е во тек...

Старите дотраени апарати во Заводот за физикална медицина и рехабилитација се заменети со нови. Два за дијагностика и 35 за електротерапија се ставени во функција на пациентите. Нивната набавка чини 4,5 милиони денари.

„Станува збор за апарати кои долго време не беа заменети со висок степен на амортизираност.  Ги повлековме старите апарати затоа што со тек на време губат од својата функција, а новите ги ставивме во функција и пациентите веќе ги користат“, изјави д-р Нада Тагасовска, директор на Заводот за физикална медицина и рехабилитација.

За подобар третман на пациентите во изминатиот период во оваа здравствена установа беа вработени и осум доктори. За уште двајца постапката е во тек.

„Исто така, беа преземени доктори-специјалисти од приватно во јавно здравство. Со тоа во оваа здравствена установа имаме 14 специјалисти за физикална рехабилитација и еден по интерна медицина“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Ќе се подобрува и инфраструктурата на заводот. Министерот Тодоров изјави дека е планирана реконструкција на стационарот кој е изграден уште во 1963-та година.

 

Андријана Атанасовска