Интензивно се гради: Завршени 30% од автопатот Миладиновци- Штип

03.11.2015 14:55

Завршени се градежните работи на 30 проценти од автопатот Миладиновци- Штип. На терен 800 работници и над 300 машини. Досега се асфалтирани три километри. Трасата треба да биде долга 47 километри. Проектрирано е да биде изградена до крајот на 2017- та...

Мостот на реката Пчиња е еден од поголемите објекти на автопатската делница  Миладиновци- Штип. На неа работат повеќе од 800 градежни работници и механизација  од околу 320 машини и камиони.

За 15 минути до Свети Николе, за само половина час до Штип. Досега се пробиени 90 проценти од трасата. Новата автопатската делница треба да овозможи брза комуникација, транспорт и развој на туризмот. Има седум клучки кои ќе ги поврзат населените места што  гравитираат долж новиот автопатот. Повеќе од десет села ќе добијат шанса за развој.

Инженерите на терен - будно ја следат работата. Се работи на земјени работи, пропусти. Се бетонираат 4 мостови, 8 надпатника, 4 подпатника и 5 вијадукти. Заклучно со септември 2015 година, изведени се околу 30 % од вкупните градежни работи.

Трасата на автопатската делница започнува од клучка Миладиновци преку Свети Николе и завршува кај клучка Три Чешми, Штип. Вкупната должина на трасата изнесува 47,1 километар. 

Автопатот А4, делницата Миладиновци- Свети Николе- Штип е предвидено да има два автопатски коловози со просечна широчина од 28,4 метри. Максимална проектирана брзина е 130 километри на час. Реализацијата на проектот е со кредит од кинеската Ексим банка, со рок на исплата 20 години и проектиран буџет од 206 милиони евра.

 

Дијана Ценевска