Процесот за решавање на статусот на поранешните професионални војници добива завршница

03.11.2015 14:59

Процесот за решавање на статусот на поранешните професионални војници конечно добива завршница. Најдоцна до февруари ќе бидат вработени 140 поранешни армиски професионалци. Предлог измените на Законот за служба во АРМ поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ добија виза од матичната собраниска комисија за одбрана и безбедност...

Со предлог законските измени, се овозможува вработување на сите професионални војници на кои им престанал работниот однос поради максималната старосна граница. Досега во државните институции беа вработени речиси 4 илјади лица, а процесот продолжи со решавање на статусот и вработување на професионалните војници,евидентирани како невработени на 31-ви декември 2013 година. Еден од предлагачите Емил Димитриев, истакна дека процесот се завршува со третата група, со вработување на преостанатите 140 војници кое се регулира со конкретни рокови.

И опозицијата со решение за професионалните војници. Со предлогот се предвидени 2 милиона денари за вработување на армиските професионалци. Не доби виза од мнозинството членови на Комисијата за одбрана и безбедност. Предлагачот Лилјана Поповска, поддржана од пратениците од опозицијата, ги обвини членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ дека го препишале нејзиниот Предлог-закон и побара „политички фер плеј“.  

Дел од измените на Законот е и проектот „АРМ-мој вистински дом“. Предвидени се откуп на станови кои веќе ги користат припадниците на Армијата, изградба на нови станови за околу 600 припадници на војската и закуп на службени станови за потребите на АРМ.

Предлог- измените на законот за служба во Армијата, по скратена постапка се дел од обемниот дневен ред на собраниската пленарка. Крајниот рок за поднесување на барањето за вработување на поранешните професионални војници е јануари идната година.

 

Милчо Велески