Продолжува италијанската поддршка за Македонија
Билатералните односи, евроинтегративните процеси, актуелните политички случувања во земјава и бегалската криза, беа во фокусот на денешната средба меѓу претседателот Ѓорге Иванов и неговиот италијански колега, Серџо Матарела. Шефот на македонската држава му врачил покана да ја посети Македонија в година, кога се одбележуваат две и пол децении дипломатски односи...

Италија продолжува со поддршката за нашите стратешки цели, членствата во ЕУ и НАТО. Македонскиот претседател, за овој како што вели принципиелен став, му упатил благодарност на својот домаќин. Иванов укажал на континуираното кршење на меѓународното право во случајот со Македонија, и побара ЕУ и НАТО земјите- членки да останат поборници за спроведување на меѓународните договори и меѓународни обврски.
„Јасно го искажа неговиот став дека Италија стои зад Македонија и дека прави се со цел Македонија да го добие тоа што го заслужува. Без оглед на тоа што имаме постојано политички кризи, и самите се свесни дека сето она што и се случува на Македонија е резултат и на постојаните блокади кои ги имаме на тој пат“, рече претседателот Иванов.
Од економски аспект, Италија е петти трговски партнер на Македонија, со неколку инвестиции во земјава.
Иванов и Матарела разговарале и за мигрантската криза во Европа. Согласни се дека е потребна заедничка стратегија на ЕУ и координирана меѓународна акција за решавање на проблемот.
Македонскиот претседател потенцирал дека Република Македонија ги почитува сите меѓународни обврски во третманот на мигрантите и бегалците, посветувајќи максимално внимание на хуманитарниот аспект и покрај нашите преоптоварени и ограничени капацитети.
Душко Арсовски, специјален известувач од Рим за МРТ
