Џонсон Контролс отвора фабрика и во Струмица

03.11.2015 16:41

По Скопје и Штип, Џонсон Контролс ќе отвори нова фабрика и во Струмица. Инвестицијата е 20 милиони долари, ќе има работа за 1.500 луѓе. Планот предвидува првите вработувања да бидат до крајот на годинава...

Џонсон Контролс отвора нова фабрика во Струмица. Инвестицијата вредна 20 милиони долари ќе отвори работа за 1.500 луѓе. Ќе стартуваат во стара зграда како брауфилд инвестиција, а во 2017-та година планираат да продолжат во нов капацитет. За реинвестирање во земјава се одлучиле по успешноста на фабриката во Штип и по направените анализи. Својата одлука ја соопштија по средбата со премиерот Груевски.

„Причината за оваа инвестиција е тоа што ние се соочувавме со капацитетски предизвици во Европа и по истражувањата на пазарот и по проверката на успешноста на капацитетите, дојдовме до заклучок дека она што треба да го направиме е да инвестираме токму тука“, изјави Вили ван Лои, директор во Џонсон Контролс.

Ова ќе биде трет пат како Џонсон Контролс инвестира во Македонија. Првиот капацитет беше отворен во 2006-та година во Скопје, а потоа објектот го презеде Вистеон. Во меѓувреме, Џонсон Контролс инвестираше во Штип, како прва фабрика во слободната зона. Сега на ред е Струмица. Според директорот на слободните зони, ова е потврда за исправноста на политиките за привлекување на нови инвестиции.

„Фактот што тие реинвестираат е потврда за сите ониа напори и активности кои се направени за подобрување на бизнис климата и она што значи не само задоволување на интересите на странските компании, туку креирање на една многу плодна почва за инвестирање и реинвестирање во нивниот случај“, нагласи Виктор Мизо, директор на ТИРЗ.

Оваа инвестиција, премиерот Груевски ја најави во август годинава.

„Во финални преговори сме со глобална компанија со седиште во Америка за производство на автомобилски делови, која планира да инвестира токму во ТИРЗ Струмица и отворање на нови околу 1.500 работни места“, изјави премиерот Никола Груевски.

Џонсон Контролс со овој капацитет во наредните три години има можност да вработи над 3.000 луѓе. Компанијата е најголемата американски добавувач во автомобилската индустрија и е меѓу првите 10 во светот. Годишно остварува приход од околу 44 милијарди долари.

 

Сунчица Николоска