Арсенал „се вади“ во Минхен

04.11.2015 11:29

Арсенал е во фаза на „вадење“ за почетните пропусти, кога настрада во Загреб, а потоа неочекувано дома падна и пред разиграниот Олимпијакос. Од фаворит во групата се доведе во состојба на аутсајдер...

Нов судир на „големите“ од Ф групата! Баерн Минхен-Арсенал, 10-ти пат во Лигата на шампионите! Фудбал за уживање! Пред две седмици во Лондон, Арсенал се издигна над неволјите со кои се судри на стартот од Лигата на шампионите. Ја доби битката со Баерн со 2:0 и внесе доза на позитивен набој во туробноста, која завладеа на „Емиратите“, кога е во прашање Европа. За Баерн тоа беше првиот пораз во кој и да било од трите натпреварувачки фронта на кои јуриша во оваа сезона!

Но, вознемиреност во редовите на Баварците нема! Со голема супериорност од осум постигнати и ниту еден примен гол против Олимпијакос и Динамо Загреб заседнаа на водечката позиција во групата и треба да се случи чудо, таму да не завршат.

Во Бундес лигата, Баерн и натаму ги урива рекордите. По неверојатните 10 победи од 10, првиот „кикс“ го имаше  во петокот, на гостувањето во Франфуртниз нерешените 0:0 со Ајнтрахт! Но, јасно беше дека Гвардиола е со мислите на „Алијанц“, за вечерашниов реванш против Арсенал.

Баварската машинерија, засилена со враќањето на долго време отсутниот Робен, работи беспрекорно. Левандовски е незадржлив: 23 гола на 20 натпревари оваа есен во дресот на Баерн и на полската репрезентација  е негов феноменален учинок! Одбраната е гранитна! Предводена е од Мануел Ноер, голманот на ова фудбалско време, кој  ќе направи се да надополни за лошата своја вечер на „Емиратите“ во Лондон. Гвардиола речиси и да не ги споменува здравствените проблеми на Марио Геце, на Роде и на одпоодамна отсутниот Рибери. Фокусиран е на Арсенал.

„Тие сакаат да се надигруваат, тоа е во нивната ДНК-а! Арсенал знае да нападне, често со долги топки кон Жиру... игра убав, офанзивен фудбал“- вели Гвардиола.

Арсенал е во фаза на „вадење“ за почетните пропусти, кога настрада во Загреб, а потоа неочекувано дома падна и пред разиграниот Олимпијакос. Од фаворит во групата се доведе во состојба на аутсајдер.

Арсен Венгер е свесен за деликатноста на моментот: „Пораз во Минхен, ќе не одведе во многу лоша позиција, со мали шанси за пласман во нокаут фазата“- објективен е стратегот на Арсенал.

Повредите се дополнителната негова неволја. Без Вилшер, Велбек, Волкот, Росицки, Рамзи, Артета, Оспина, Чембрлен мора да го составува тимот. Отсуството на Волкот му ја урива концепцијата на нападот во тандем со Жиру. Но, Озил, Санчез, Фламини, Казорла... се респектабилно друштво за поволен резултат во вечерашниот спектакл на „Алијанц“ во Минхен!