Се урна руски товарен авион, најмалку 40 жртви

04.11.2015 12:38

Најмалку 40 патници и членови на екипаж загинаа, откако се урна руски товарен авион „Антонов“ на оддалеченост од речиси километар од аеродромот во Џуба, во Јужен Судан...

Нова авионска несреќа. Најмалку 40 патници и членови на екипаж загинаа, откако се урна руски товарен авион „Антонов“ на оддалеченост од речиси километар од аеродромот во Џуба, во Јужен Судан.

Портпаролот на Јужен Судан соопшти дека во нереќата има двајца преживеани, еден член на екипажот и едно дете. Авионот се урнал во близина на реката Горен Нил, во претежно рибарска област.

Остатоците од авионот и останките биле распрснати низ реката. Во недостиг од информации се стравува дека бројот на жртвите ќе расте рапидно.

Спасувачките екипи се на терен, бараат преживеани, но лошата временска состојба им ја отежнува работата.

Според првичните извештаи на експертските тимови се претпоставува дека несреќата најверојатно била предизвикана поради преоптовареност на леталото, но не е исклучено  дека имало и одредени технички проблеми на воздухопловството.

Локалните медиуми јавуваат дека најверојатно патниците не биле врзани со безбедносни ремени. Руската „Раша Тудеј“ јавува дека меѓу загинатите имало петмина Руси.

Марија Петковска