Хан: Нема преговарање за слободата на медиумите
Нема преговарање за слободата на медиумите. Професионалното новинарство мора да има приоритет, и тоа е во сржта на секое информирање и известување, рече во говорот, Јоханес Хан, еврокомесарот за соседска политика и проширување, пред учесниците на медиумската конференција „Спик ап“ во Брисел...

За слободата на медиумите ЕУ не преговара со земјите пристапнички, тоа е нешто што мора да биде исполнето. Ваков заклучок на воведната сесија дадоа учесниците на „Спик ап“ конференцијата во Брисел на која тема се медиумите од Западен Балкан.
Еврокомесаорот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан рече дека преку различни истражувања состојбата во медиумите на Западен Балкан постојано се следи, затоа што тоа е еден од главните столбови за демократијата. Според него, мора да се обезбеди транспарентност на сопственоста, рамноправно финансирање и плурализам во медиумите. Тоа е генерален проблем на земјите пристапнички.
Потпретседателката на Европскиот Парламент, Улрике Луначек, потсети дека слободата на медиумите е загарантирано човеково право и како такво стои во член 49 од Лисабонскиот договор.
Комесарот за човекови права во Советот На Европа, Нилс Муижниек, пак, посочи на опасност од серија закони кои се носат во повеќе земји од регионот, а кои ги загрозуваат правата на медиумите.
Ова се само дел од главните тези во воведните обраќања на конференцијата. Настанот е прдвидено да трае до 18 часот кога со заклучоците комесарот Хан ќе одговара и на новинарски прашања.
Катерина Топалова, специјален известувач од Брисел за МРТ
