Поднесено обвинение за 29 лица за случувањата во „Диво насеље“

04.11.2015 14:13

Јавниот обвинител освен доказите, до судот доставил и барање за продолжување на притворот. Од судот информираат дека обвинителниот акт го примиле и веќе го распоредиле кај советот одговорен за негова оценка...

Половина година по терористичката пресметка во кумановската населба „Тоде Мендол“, подигнато е обвинение против 29-мина уапсени за тероризам. Освен за ова кривично дело, се товарат и за формирање терористичка организација.

Јавниот обвинител освен доказите, до судот доставил и барање за продолжување на притворот. Од судот информираат дека обвинителниот акт го примиле и веќе го распоредиле кај советот одговорен за негова оценка.

По првичното апсње на терористите, обвинителството во два наврати ја прошири истрагата за ловење на нивните помагачи. Па така, на 15-ти минатиот месец во селата Отља, Матејче, Брест и Арачиново во рацете на полицијата паднаа седумина инволвирани.

Една недела подоцна, истрагата беше прошитена уште еднаш – овој пат за уште тројца логистичари на групата на Мирсад Надрецај. Тогаш полицијата изврши претреси на повеќе локации, но не ги најде осомничените иако заплени повеќе докази кои упатуваат на тоа дека биле испомош на кумановската терористичка група.

МВР своевремено информираше дека полициската оператива дошла до сознанија дека јатаците, освен што ги помагале терористите, имале и задача да мобилизираат млади момчиња кои пак требале да извршат напад на стратешки државни објекти. Сепак, ова сценарио не се оствари.

Во судирот со терористичката група на 9-ти и на 10-ти мај годинава загинаа осум припадници на македонската полиција и уште десет терористи.

 

Анита Димитријевска