Концерт на „Рускиот Паганини“ со симфонискиот оркестар на ФМУ
Виолинистот Максим Федотов, вечерва настапува пред македонската публика, со симфонискиот оркестар на Факултетот за музичка уметност. „Скопје класик“- настан за кој секоја година се бара карта повеќе...

„Рускиот Паганини“, како што го нарекуваат виолинистот Максим Федотов, вечерва настапува пред македонската публика, со симфонискиот оркестар на Факултетот за музичка уметност. „Скопје класик“- настан за кој секоја година се бара карта повеќе. По впечатливите концерти на врвниот пијанист Александар Гиндин и маестралниот виолинист Кирил Трусов, во Македонската опера и балет ќе се разлеат звуците на најатрактивните дела од Сен Санс и Чајковски.
Виолинистот Максим Федотов е и врвен педагог. Предава во Чајковски конзерваториумот во Москва и е шеф на катедрата за гудачки инструменти на московскиот Државен институт за музика.
Соработката на македонските симфоничари со овој еминентен уметник ќе им помогне во нивната понатамошна професионална надградба, вели деканот на Факултетот за музичка уметност, Гордана Јосифова Неделковска.
Соработката со младите симфоничари од Македонија, вели Федотов е извонредно доживување и сосема поинакво искуство. Изненаден сум и воодушевен , може да се спореди со нивото на најпрофесионалните оркестри во светот, рече Федотов.
Александра Перевска
