Рекорден раст на станбените кредити
Причината е падот на каматните стапки за станбените кредити, како и зголемениот раст на одобрени субвенционирани станбени кредити преку проектот „Купи куќа, купи стан“, велат банкарите...

Ниските каматни стапки го потикнаа кредитниот раст. Според податоците на НБРМ станбените кредити за само една година пораснале за 4,4 милијарди денари или за 73 милиони евра, што е рекорден раст од 18 проценти. Причината е падот на каматните стапки за станбените кредити, како и зголемениот раст на одобрени субвенционирани станбени кредити преку проектот „Купи куќа, купи стан“, велат банкарите.
„Кога каматните стапки паѓаат и се ниски економските субјекти инвестираат во недвижности или во акции и на тој план гледаме придвижување во купување недвижнини од страна на македонските граѓани, бидејќи моментално каматните стапки за станбените кредити се едни од најповолните во поновата историја на Република Македонија“, вели Глигор Бишев, банкар.
Дел од банките нудат станбени кредити со 10 години фиксна каматна стапка, пет години фиксна имаат речиси сите банки, вели првиот човек на „Шпаркасе“. Според Бишев, ова се историски најниски каматни стапки. Најизразен е падот на каматите за станбените кредити одобрени во евра и тоа од 6,4 проценти на почеток од годинава на 5,6 проценти во септември. Бишев очекува кредитниот раст да продолжи и во иднина.
„Очекуваме со динамизирање како на македонската така и на европската економија, бидејќи Република Македонија е особено зависна од евро зоната којашто спроведува монетарно олабавување, кредитниот раст и кредитирањето во Република Македонија во наредниот период да се одвива со позабрзано темпо. Значителен удел во досегашниот, но и во идниот раст на станбените кредити, се очекува да има и проектот Купи куќа, купи стан“, нагласува Бушев.
Според податоците од Министерството за финансии, само за периодот од септември минатата година до септември 2015-та одобрени се субвенционирани станбени кредити во вкупен износ од околу 11 милиони денари. Проектот „Купи куќа, купи стан“ ги мотивира особено младите граѓани да бидат похрабри во решавањето на своето станбено прашање и веднаш по вработувањето да аплицираат за кредит за купување на стан.
Се нудат два модели, едниот -доколку потенцијалните купувачи не располагаат со учество 50% од учеството да го добијат од државата или пак да добијат и уште пониски каматни стапки преку субвенцијата што ја исплаќа државата за ратата за отплата на станбениот кредит – вели Бишев.
Владата преку проектот „Купи куќа, купи стан“ дава субвенции и до 14 илјади евра. Овој бенефит досега го искористија преку 680 семејства. Во последниве години, цената на станбениот квадрат е намален за околу 100 евра, што за стан од 50 квадратни метри, значи директна заштеда од 5.000 евра.
Дијана Ценевска
