Брисел: Повторно одложено објавувањето на извештаите за напредок

04.11.2015 16:15

Брисел повторно го одложи објавувањето на извештаите за напредокот на земјите – кандидатки за членство во Европската Унија. Причината е Турција и бегалската криза. Во седиштето на Унијата денеска се одржува дебата за медиумите. Комесарот Хан порача дека само со преговори за членство може да се влијае на подобрување на состојбата...

Европската Комисија нема да ги објави извештаите за напредокот на земјите од Западен Балкан до крајот на оваа недела. Целото внимание на ЕУ во моментот е свртено кон бегалската криза, а тоа би фрлило сенка врз документите за земјите пристапнички кои имаат важна содржина, велат од Брисел каде во моментот се одржува конференција за слободата на медиумите за Западен Балкан и Турција.

Од конференцијата пораки за целиот регион- за објективното информирање Унијата не преговара, земјите кои решиле да имаат поблиски односи со ЕУ треба да ги достигнат европските стандарди во сферата на медиумите.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан порача дека слободните медиуми се столб на демократијата затоа од владите на земјите пристапнички побара да обезбедат безбедна средина каде ќе можат да бидат изразени различни мислења и каде граѓаните ќе имаат пристап до објективни информации. За моменталната состојба вина најде и во самите медиуми и невладините организации на кои им порача сами да работат за да ја подобрат состојбата. 

На третата „Спик ап“ конференција потпретседателката на Европскиот Парламент, Улрике Луначек потсети дека слободата на медиумите е загарантирано човеково право и како такво стои во член 49 од Лисабонскиот договор. 
Комесарот за човекови права во Советот на Европа, Нилс Муижниек, пак, посочи на опасност од серија закони кои се носат во повеќе земји од регионот, а кои ги загрозуваат правата на медиумите.

Ова се само дел од главните тези во воведните обраќања на конференцијата. Настанот е прдвидено да трае до 18 часот кога со заклучоците комесарот Хан ќе одговара и на новинарски прашања.


Катерина Топалова, специјален известувач од Брисел за МРТ