Адаптација на наставните програми по „Кембриџ“ од седмо до деветто одделение

04.11.2015 16:28

Природни науки и математика според „Кембриџ“ ќе се учи од идната година. Со договорот за соработка е предвидено да се изработат нови учебници, а наставниците да се обучат од експерти од меѓународниот центар...

И основците од седмо до деветто одделение ќе учат од програмитеод кои се образоваат учениците во Велика Британија. Природни науки и математика според „Кембриџ“ ќе се учи од идната година. Со договорот за соработка е предвидено да се изработат нови учебници, а наставниците да се обучат од експерти од меѓународниот центар.

„Овие наставни програми се исклучително квалитетни. Предвидуваат поголема интеракција во наставата, значително придонесуваат за развивање на самодовербата и критичкото мислење кај учениците“, вели Абдилаќим Адеми, министер за образование и наука.

Експертите од Кембриџ гарантираат успешност на програмата и сметаат дека наставата е поинтересна за учениците.

„Би сакале да им честитаме и на наставниците во основните училишта кои навистина со позитивно расположение  пристапија да учествуваат во обуките кои им се потребни за спроврдување на новите наставни програми, и поради тоа веќе гледаме позитивни резултати“, изјави Мајкл О’Саливан, меѓународен центар „Кембриџ“.

Нема позначителни проблеми при спроведувањето на програмата,  тврди директорката на Бирото за развој на образованието. Вели дека наставните програми се адаптирани по наши услови, но е задржана содржината по која учат и британските основци.

„Нашите партнери доаѓаат и ја следат наставата на часовите. Извештаите се позитивни. Можеби нам, на родителите, понекогаш сакајќи да си ги заштитиме децата нешто ни изгледа комплицирано, меѓутоа тоа се проверени методи кои функционираат“, вели директорката на БРО, Хорватовиќ.

Меѓународниот центар за наставни програми „Кембриџ“ е еден од најголемите светски креатори на образовни програми за деца на возраст од 5 до 19 години, прифатени во над 9.000 училишта, во 160 земји. Македонија е прва во регионот кој ја воведе оваа програма.

 

Викторија Милевска