Преку евтините кредити досега отворени над 6.600 нови работни места

04.11.2015 16:38

Со користење на евтини кредити, досега се отворени над 6.600 работни места. Преку трите кредитни линии на Македонската банка за подршка на развојот, искористени 250 милиони евра, преку четвртата дополнителни 82...

Користењето средства преку Македонската банка за поддршка на развојот е најевтин начин фирмите да обезбедат развој. Се креираат нови работни места, се подобрува конкурентноста и се зголемува извозот. Заклучно со септември годинава, преку 4-та кредитна линија се реализирани 439 барања за користење кредити со субвенционирана камата во износ од 82,2 милиона евра. Со претходните 3 линии во период од 5 години биле искористени вкупно 250 милиони евра евтини кредити.

„Досега се отворени над 6.600 нови работни места, со што се зголемува стапката на вработеност во земјава, а на фирмите им се овозможува раст и развој“, вели владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Каматната стапка е фиксна и изнесува 5,5% годишно, а рокот на отплата е до 8 години за инвестиции и до 3 години за обртни средства. Максималниот износ е до 3,5 милиони евра за инвестиции, до 666.700 за трајни обртни средства и до 6 милиони евра за приоритетни проекти. Интересот е голем, и во Македонската банка за поддршка на развојот постојано пристигнуваат нови барања од фирмите за користење евтини кредити.

„Покрај овие 82 милиони евра што се искористени во рамките на четвртата кредитна линија, МБПР има примено дополнителни нови над 100 барања со кои се предвидува отворање на повеќе од 200 нови работни места на што банката е фокусирана, интензивно работи на сите предмети и се очекува најдоцна до крајот на годината тие да бидат обработени, а средствата пласирани во компаниите“, вели Ѓорѓиев.

Анализата покажува дека најголем дел од средствата, речиси 33% или над 27 милиони евра биле лоцирани во производство. Една третина или 24,46 милиони завршиле во трговијата, 9,5 милиони биле инвестирани во транспортот, а 9 во градежништвото. Не заостануваат ниту хотелиерството и услугите каде што биле инвестирани 5,6, односно 2,9 милиони евра, додека во здравството завршиле 2,76 милиони евра.

Анализата на структурата на вложувањата покажува дека ¾ или 62 милиона евра биле искористени како инвестиции, а една четвртина завршиле како обртни средства.

 

Свето Николовски