Дванаесетте помошници на Катица Јанева дадоа свечени изјави

05.11.2015 12:40

Јанева изјави дека предметите ќе ги преземе од понеделник, кога и ќе започнат со работа со нејзините колеги...

Дванаесетте јавни обвинители што ќе и помагаат на специјалната обвинителка Катица Јанева, дадоа свечена изјава пред Советот на јавни обвинители.

Јанева изјави дека предметите ќе ги преземе од понеделник, кога и ќе започнат со работа со нејзините колеги. Тврди дека ниту имало, ниту има, а се надева дека и во иднина ќе нема притисоци за нејзината работа.

„Во изминатиов период траеја разговорите со членовите на Советот, во однос на тоа како да изгледа тимот во Специјалното јавно обвинителство. Одлучивме заедно со тимот, и со Советот, да биде составен од 12 обвинители кои денес се избрани. Се надевам на успешна работа. Од понеделник почнуваме да работиме активно, согласно законот. Не знаеме колкав е бројот на предметите, бидејќи од понеделник натаму ќе можеме да им се обраќаме на институциите согласно законот“, рече Јанева.