Претприемништво: За почнување бизнис, важни се идејата и храброста
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, претприемачите се најважниот сегмент во економијата на една држава на долг рок...

По десети пат се одбележува Денот на претприемачот и Европската недела на малите и средни фирми, кои според експертите се главен двигател на секоја национална економија. За почнување на нов бизнис најважни се идејата и храброста, велат од Европската бизнис асоцијација која е коорганизатор на двете манифестации.
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, претприемачите се најважниот сегмент во економијата на една држава на долг рок.
Владата на Република Македонија во своите политики и програми низа години наназад презема активности за поттикнување на претприемништвото тргнувајќи од помошта за луѓето кои сакаат да основаат старт ап компании до програми како што се поддршката со кредитната линија преку Европската инвестициона банка, рече Пешевски.
Во изминатиот период, како што нагласи, преку програмата за самовработување се алоцирани 25 милиони евра и се отворени 7.600 компании, а со средствата од кредитната линија на Европската инвестициона банка се поддржани над 1.600 компании и се отворени над 6.600 нови работни места.
