Тимот на Јанева од понеделник почнува со работа
Дванаесетте јавни обвинители кои ќе и помагаат на специјалната обвинителка Катица Јанева, дадоа свечена изјава пред Советот на јавни обвинители. Јанева изјави дека предметите ќе ги преземе од понеделник, кога и ќе почнат да работат со нејзините колеги. Тврди дека ниту имало, ниту има, а се надева дека и во иднина нема да има притисоци за нејзиното работење...

Се докомплетира тимот на спeцијалната обвинителка Јанева. Во него се дванаесет помошници. Дадоа свечена изјава дека совесно и непристрасно ќе ја вршат работата. Од понеделник ќе ги засукаат ракавите.
Јанева вели дека до сега немало притисоци и оти очекува да ги нема и во иднина. Не очекува ниту опструкции при преземањето на предмтите. Одговорајќи на новинарско прашање, обвинителката рече дека ќе се обиде да ги врати во државата парите за кои постои сомнение дека се украдени.
Јанева и понатаму не се откажува од двајцата обвинители кои не влегоа во нејзиниот тим.
За сегашниот состав, рече дека е спој на младост и искуство и очекува да одговори на предизвикот. Во него се обвинителите: Гаврил Бубевски, Ленче Ристевска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро, сите од Основното јавното обвинителство- Скопје, како и Лиле Стефанова од Јавното обвинителство за гонење кривични дела од областа на корупцијата и организираниот криминал.
Тие им се придружуваат на седумтемина претходно избрани - Бурим Рустени, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатиме Фетаи.
Фиљана Кока
