Субвенционирано вработување на лица во социјален ризик

05.11.2015 15:47

Работодавачите ќе добијат шест месечна субвенција на бруто плата со единствена обврска вработениот да го задржат уште најмалку 6 месеци. Постапката за користење на програмата и селекцијата на кандидатите за вработување е едноставна...

Нова можност за работодавачите да дојдат до нови вработувања и да користат средства од програмата за условен паричен надоместок. Услов за користење на овој извор на субвенцонирано вработување е да бидат работно ангажирани лица во социјален ризик.

Целни групи се корисници на социјална помош, лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа до 18 години, членови на семејства кои користеле постојана парична помош или жртви на семејно насилство сместени во Шелтер центри, чиј семеен приход по член месечно е понизок од половина од последната просечна плата.

Програмата опфаќа и вработување на лица корисници на државна стипендија во последниве 15 години, односно лица до 29 години чиј месечен приход по член е понизок од половина просечна плата во земјава.

Работодавачите ќе добијат шест месечна субвенција на бруто плата со единствена обврска вработениот да го задржат уште најмалку 6 месеци. Постапката за користење на програмата и селекцијата на кандидатите за вработување е едноставна.

„Со поднесување барање до Агенцијата за вработување на РМ во кое треба да биде наведен профилот на работник што е потребен во рамките на фирмата и делот од категориите  на лицата кои влегуваат во категориите на самиот оглас, потоа Агенцијата во еден многу брз период ќе ги обработи сите тие барања и ќе селектира листа на работници кои што одговараат на потребите на претпријатието, за потоа да може самиот работодавач да го избере најсоодветниот кадар“, изјави владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев. 

Работодавачите ќе можат да бираат меѓу два модела на  погодности. Пониската субвенција  е исплата на бруто месечна плата од 14.900 денари  за  вработено лице  кое нема  квалификации. Повисоката субвенција од 17.000 денари бруто месечна плата ќе се исплаќа за вработување на лица со повисок степен на образование кои ќе бидат ангажирани  на работни места со покомплексни обврски.

Дополнително, работодавачот во текот на првите 6 месеци ќе добива и по 5.000 денари по вработено лице, а средствата ќе бидат наменети за покривање на трошоците за обука и за материјали.

 

Свето Николовски