Државата им помага на граѓаните во решавањето на станбеното прашање
Со 60 милиони евра, Владата ги спроведува проектите „АРМ-мој вистински дом“, „Купи куќа, купи стан“, како и изградбата на станови за социјално ранливите категории...

Сопствен дом за илјадници граѓани. Државата им помага на граѓаните во решавањето на станбеното прашање- полесно да дојдат до кров над глава. Со 60 милиони евра, Владата ги спроведува проектите „АРМ-мој вистински дом“, „Купи куќа, купи стан“, како и изградбата на станови за социјално ранливите категории. 250 државни станови со атрактивна цена се на продажба, преку проектот „Купи куќа, купи стан“.
„Самите граѓани кои сакаат за прв пат да се стекнат со ваков стан, се добредојдени, но би сакал да упатам еден апел дека сепак становите кои ги нудиме се ограничени. Во периодот кој што следи сите заинтересирани можат да се обрадат до нашето Акционерко друштво“, вели Цветко Грозданов, директор на АД за стопанисување со станбен и деловен простор.
Малите станови се најбарани. Граѓаните велат, преку проектот „Купи куќа, купи стан“ можат полесно да си го решат станбеното прашање.
„Има инрересни понуди, заинтересирани сме.“
„Бараме мал стан, а може и куќичка некоја, ако може да се снајдеме“, велат заинтересираните граѓани.
Владата помага со субвенциите за стан, 50 насто од месечната рата на кредитот или од учеството, за куќа 75 насто.
„Каматните стапки се историски најниски, цените на становите се најниски историски и се прилично пониски од што беа и имате можност да ја искористите субвенцијата од Владата која помага да се надмине почетниот период на отплаќање на обврските од кредитите“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Стартува и проектот „АРМ – мој вистински дом“. Во почетокот на наредната година ќе се гради првата зграда наменета за припадниците на АРМ. Околу 500 стана, војниците ќе ги исплаќаат на 240 рати, или на 20 години. Локациите би биле дел од активните касарни или на другите делови од градот.
„Како припадници на Армијата не радува тоа што ова практично е првиот проект каде целна група за сите војници и за сите граѓани е најважно- семејството“, рече Методија Величковски, началник на Генералштабот на АРМ.
„Проектот за домување на социјално ранливи категории“ предвидува изградба на 32 објекта со вкупно 1.754 станови низ Македонија. Дел од зградите се готови, дел од нив се во фаза на изградба.
Наташа Гркова- Петрушевска
