Препукувања околу падот на рускиот авион

05.11.2015 16:40

Британските и американските известувачки служби тврдат дека аеродромот во Шарм Ел Шеик е познат по слабото обезбедување и дека потенцијалните напаѓачи би можеле да имаат помош однатре...

Египетскиот министер за антиквитети Мамдух Елдамати ги отфрли наводите на САД и на Велика Британија дека причина за уривањето на рускиот авион на 31-ви октомври е експлозија на бомба.

Според него, трагедијата на Синајскиот Полуостров не била терористички чин, туку несреќа. Елдамати истакнал дека жали поради тоа што се случило и дека ќе мора да се почекаат резултатите од истрагата за да се дознае што навистина се случило.

Претходно британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека е поверојатно дека падот на рускиот патнички авион во Египет е предизвикан од бомба. Британските и американските известувачки служби тврдат дека аеродромот во Шарм Ел Шеик е познат по слабото обезбедување и дека потенцијалните напаѓачи би можеле да имаат помош однатре.

„Има сериозни индикации дека во авионот имало поставено бомба од Исламска држава и тоа ќе биде посебен предмет на истрага. Има информации кои во овој момент не можеме да ги споделиме со јавноста. Но, сега е најважна безбедноста на нашите патници“, изјави Филип Хамонд, секретар за надворешни работи на Велика Британија. 

Рускиот претседател Путин реагираше на ставот на британската влада за можната причина за несреќата како и на одлуката да ги запре сите летови од и кон египетското летувалиште Шарм Ел Шеик во исчекување на натамошната истрага.

Рускиот премиер Медведев му нареди на министерсот за транспорт да разгледаат дополнителни безбедносни мерки со авијаторските власти во земјите каде што летаат руските туристи.

Авионот Ербас 321 се урна во саботата на Синајскиот Полуостров кусо по полетувањето од египетското летувалиште. Загинаа сите 224 патници и членови на екипажот.

 

Марина Автовска