Германски „Костал“ ја официјализира инвестицијата во Македонија

05.11.2015 16:45

Германската компанија „Костал“ ја официјализира инвестицијата во Македонија. Ќе вложи 50 милиони евра и ќе вработи 1.000 луѓе. Во новата фабрика во Охридско- струшката зона ќе произведуваат електронски компоненти за автомобилската индустрија...

Германската компанија „Костал“ почна со реализација на инвестицијата вредна 50 милиони евра. Ќе вработат 1.000 луѓе. Стартуваат со работа во старата зграда на ЕМО Охрид, како браунфилд инвестиција.

Наредната година почнуваат со изградба на нов капацитет во слободната економска зона Охрид-Струга. Ќе произведуваат електронски компоненти за автомобилската индустрија. Одлуката за инвестирање ја донеле по спроведеното истражување во повеќе земји.

Од менаџментот велат дека Охрид и Струга нудат многу предности за нивниот иден бизнис.

„Верувам дека со блиска меѓусебна соработка ќе ги исполниме потребите на пазарот. Ќе започнеме со активности во следните недели. Можам да ви кажам дека веќе имаме 10 вработени кои посетуваа обуки во нашиот објект во ЕМО, а со новиот објект ќе стартуваме идната година и очекуваме 1.000 вработувања“, вели Кристофер Сандерс, извршен потпретседател на „Костал“.

Преговорите со „Костал“ почнале уште во 2011-та година. Од Кабинетот на премиерот Груевски велат дека реализирањето на инвестицијата е потврда за истрајноста и за успешноста на политиките за привлекување нови инвестиции.

„Интензивно работевме да им докажеме дека токму Македонија е правата дестинација за нивниот нов производствен погон. Се работи за еден многу важен настан не само за Охридско- струшкиот регион, меѓута и за целата држава“, изјави Алек Никовски, советник во Кабинетот на премиерот Никола Груевски.

Инвестицијата беше најавена во март 2014 година за време на митингот на владејачката коалиција во Струга.

„Една друга компанија исто така од Германија донесе одлука да изгради фабрика за делови од автомобилската индустрија во Охридско- струшкиот регион. Произведуваат автомобилски делови и електроника за други индустрии. Најпрво би почнале со работа во некој изграден објект, додека изградат сопствена фабрика“, соопшти тогаш Груевски.

Во објектот на „Костал“ ќе бидат ангажирани поранешни вработени во ЕМО. Со производство треба да почнат во почетокот на наредната година. Компанијата работи во 17 земји и има 16 илјади вработени. Произведува делови за најголемите брендови на автомобили во Европа. Во последниве години двојно го зголеми растот. Има годишен обрт од две милијарди евра.

 

Сунчица Николоска