САД: Имиграцијата- главна тема во изборната трка

06.11.2015 10:23

Имиграцијата е главна тема во изборната трка во САД. Додека едни кандидати за претседател сакаат протерување на сите илегалци, други сметаат дека треба да се легализира нивниот престој. Првиот човек на американската Агенција за вантрешна безбедност испрати порака до претседателските кандидати и конгресмените дека ниту една админитрација не смее да протера 11,5 милиони илегалци...

Бројот на илегални имигранти во Соединетите Американски Држави се намалува, соопшти секретарот на „Хоумленд Секјурити“, Џех Џонсон на петтата годишна конференција посветена на имиграцијата во Вашингтон. Според првиот човек на Агенцијата за внатрешна безбедност, оваа година од Америка ќе бидат протерани помалку од 300 илјади илегалци, најголем процент од нив осудени криминалци. Семејствата што подолго време живеат во САД, луѓе чии професии се потребни, како и оние коишто служеле во воените сили нема да бидат протерувани. 

„Мора да бидеме одговорни за овие луѓе и мора да ги охрабриме да бидат одговорни. Тие нема да си заминат. Нема да протераме население колку Њујорк и Чикаго заедно. Ова не треба да го направи ниту една администрација. Има добри безбедносни причини зошто не треба да охрабруваме вакви дејствија. Лично сметам дека тоа е праведно да се направи“, изјави Џех Џонсонсекретар на Хоумленд Секјурити“.

„Продолжуваме со активностите за заштита на илегалците, за оние прашања што се најважни за луѓето коишто доаѓаат кај народниот правобранител за имиграција. На пример, бенефициите за имигрантите. Оваа година посредуваме во над 100 случаи во 20 држави“, вели Марија Одом, Народен правобранител за имиграција.

Илегалните имигранти не можат да се запрат со градење на ѕидови, туку со помош на сиромашните држави од кадешто доаѓаат, оцени секретарот Џонсон, додавајќи дека приоритет на безбедносните агенции и натаму ќе биде заштита на американските граници и строга проверка на луѓето коишто пристигнуваат во САД, вклучувајќи ги и бегалците од Сирија.

Американските власти ќе ги заострат условите за доаѓање во САД без визи, бидејќи токму овие луѓе најмногу илегално остануваат во земјата.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ