Груевски: Целта е постигната, веруваме во народот и неговите одлуки

06.11.2015 10:49

Еден час по полноќ политичките лидери на ВМРО- ДПМНЕ, СДСМ и на ДУИ, како и претставниците на ДПА ги договорија деталите за спроведување на Договорот од Пржино...

Наша стратешка цел како партија беше да се бетонира датумот на избори, за што од СДСМ имаше обиди да го одложи, односно бараше да биде одложен,  но ние тоа не го дозволивме и инсистиравме да остане 24 април и успеавме во тоа. Датумот за избори со законите што сега ќе ги предложиме во Парламентот ќе биде дефиниран на 24 април, кога ќе се спроведат предвремените парламентарни избори, изјави премиерот и лидер на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски, по завршување на лидерската средба на која беше финализиран Договорот од Пржино.

Спроед него, главната цела на ВМРО-ДПМНЕ е постигната за одржување на изборите на 24 април кога, како што рече, граѓаните ќе имаат можност да го кажат последниот збор, бидејќи тие се оние кои одлучуваат во оваа држава.

„Ние веруваме во народот. Ние веруваме во неговите одлуки, дека знае да направи правилен избор и затоа ни беше важно колку што е можно побрзо и без одложување да има избори и народот да може да си донесе одлука и да каже на кому му верува за понатаму. Народот знае да го препознае тоа, знае да препознае што се политички игри и интриги и дека со валкана игра не се доаѓа на власт, туку со труд, работа, резултати, идеи“, рече Груевски и истакна дека очекува убедлива победа на изборите, дури и подобра од онаа минатата година.

Истакна дека на средбата се усогласи законот за влада во кој, како што појасни, е клучно дека никој нема да може да биде исфрлен од работа или сменет, а да не е тоа според закон.

„Дури и некој ако го прекрши законот и биде сменет, новиот што ќе биде назначен ќе добие од дополнителниот заменик министер за внатрешни, кој ќе има право на вето, со што ќе се обезбеди контрола на кадровското работење во МВР во смисла да не се претвори МВР во партиска испостава на една политичка партија“, рече Груевски.

Дополни дека се усогласени и законите за свиркачи и нелегалните материјали кои ќе се усвојат заедно во пакет со законот за влада, со законот за избори, но оти законот за нелегалните материјали ќе стапи на сила по шест месеци.