Заев: Задоволен сум од договореното
06.11.2015 10:51
По завршувањето на лидерската средба, Заев изјави дека е постигнат договор за надлежностите на замениците министри, за Изборниот законик, за Законот за свиркачите и за Законот за заштита на приватноста, кој стапува на сила веднаш, а ќе се применува по шест месеци...

Лидерот на СДСМ Зоран Заев е задоволен од договореното на лидерската средба бидејќи тоа, според него, е основна гаранција за имплементирање на договорот од Пржино.
По завршувањето на лидерската средба, Заев изјави дека е постигнат договор за надлежностите на замениците министри, за Изборниот законик, за Законот за свиркачите и за Законот за заштита на приватноста, кој стапува на сила веднаш, а ќе се применува по шест месеци.
Заев додаде дека договореното денеска уште еднаш треба да биде разгледано на работните групи од технички аспект и штом биде подготвено, ќе биде испратено во Собранието на Република Македонија.
За министер за внатрешни работи е предложен Оливер Спасовски, генералниот секретар на СДСМ, за министерка за труд и социјална политика е предложена Фросина Ременски, за заменик министер за финансии Кире Наумов, за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупче Николовски и за заменик министер за информатичко општество и адиминистрација Александар Кирацовски.
Сите овие кадровски решенија, како што појасни, се условени поради тоа што органите и телата на СДСМ треба да ги донесат одлуките, финално Централниот одбор на партијата.
