Финализиран Договорот од Пржино
Еден час по полноќ политичките лидери на ВМРО- ДПМНЕ, СДСМ и на ДУИ, и претставниците на ДПА ги договорија деталите за спроведување на Договорот од Пржино. Избори во април ќе има. Усогласени спорните решенија за Законот за влада, за „свиркачите“ и за „бомбите“...

Предвремени избори ќе има на 24-ти април идната година. 4-те најголеми политички партии ги усогласија и решенијата за законот за владата, изборниот законик, дошепнувачите и за таканаречените „бомби“. Ќе се усвојат заедно во пакет, а законот за објавување на прислушуваните материјали ќе стапи во сила по шест месеци. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Груевски, изјави дека повеќе нема одолговлекување,народот решава кој ќе ја води државата и дека со валкани игри и интриги не се доаѓа на власт.
„Наша стратешка цел како партија беше да се бетонира датумот на избори, за што од СДСМ имаше обиди да го одложи, односно бараше да биде одложен, но ние тоа не го дозволивме и инсистиравме да остане 24 април и успеавме во тоа. Датумот за избори со законите што сега ќе ги предложиме во Парламентот ќе биде дефиниран на 24 април, кога ќе се спроведат предвремените парламентарни избори. Ние веруваме во народот. Ние веруваме во неговите одлуки, дека знае да направи правилен избор и затоа ни беше важно колку што е можно побрзо и без одложување да има избори и народот да може да си донесе одлука и да каже на кому му верува за понатаму. Народот знае да го препознае тоа, знае да препознае што се политички игри и интриги и дека со валкана игра не се доаѓа на власт, туку со труд, работа, резултати, идеи. Очекуваме убедлива победа, во најлош случај како минатата година, а мислам дека и посилно од тоа“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски.
Со Законот за влада се прецизира дека никој не може да биде отпуштен од работа или сменет, а да не е законски. Целта е, додаде Груевски, контрола на кадровското работењето во МВР и тоа да не се претвори во партиска испостава на една политичка партија. Генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски е предложен за министер за внатрешни, потпретседателката Фросина Ременски за труд и социјала, а како заменици во финансии,во информатичко општество и во земјоделството ,Кире Наумов,Александар Кирацовски и Љупче Николовски. Груевски смета дека со ваквите предлози СДСМ партиски ќе си преземе политичка одговорност, и нема да може како што рече, да се кријат зад наводно некакви експерти кои се анонимни членови на СДСМ.
Како што рече Заев, интенција на СДСМ е законите да бидат донесени, а министрите и замениците министри да бидат избрани пред објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Заев стави потпис на договореното. Според партиски извори, во преговорите на површина излегле две спротивставени струи во опозициската СДСМ- едната порадикална која инсистирала да нема договор за да се избегне изборното соочување и другата која трвдела дека нема враќање од договореното во Пржино.
„Ако утре бидат конечно потврдени, не чувствуваме никаква причина дека нема да бидат потвредни, целта е да имаме воедначени решенија сите партиципиенти во преговорите, да нема никакви дилеми кога тие решенија и таа одлука ќе стигнат во парламентот. Се надевам дека најбрзо можно претседателот на Собранието ќе ги закаже овие точки на дневен ред, за да може да бидат донесени одлуките“, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Постигнатиот договор според ДУИ и ДПА, значи продолжување на структурните реформи согласно со препораките на Европската Унија, враќање на политичката стабилност и безбедност во земјата и гаранција за одржување слободни и фер избори.
„Евроатланската интеграција претставува апсолутен приоритет за нашите граѓани.Со овој договор нема победници, но ниту губитници. Затворањето на отворените прашања претставува добар развој и за државата и за народот“, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
„Ние не сме дел од новата влада и ќе продолжиме да бидеме опозиција“, рече Имер Алиу од ДПА.
Работните групи треба да ги доусогласат законите и од понеделник се очекува тие да влезат во Собранието.
Милчо Велески
