Ранетиот хирург надвор од животна опасност

09.11.2015 12:46

Застрелан хирург на државните клиники во Скопје. Во него стрелал синот на починатата пациентка која синоќа била оперирана на одделението за дигестивна хирургија. По извршената операција, хирургот е во добра здравствена состојба. Напаѓачот бил придружуван од уште две лица, кои го кршеле инвентарот во болницата. Претпладнево Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ беше блокиран од полициските сили за брза интервенција...

Драма во скопските хирушки клиники. Ранет хирург на Дигестивна хирургија на третиот кат. Несреќата се случила утрото во  9 часот и 30 минути. Според  информациите револтиран син на пациентка која била лекувана на клиниката со огнено оружје  влегол во  болницата и пукал кон 39 –годишниот хирург. Неофицијално, причина за ваквата реакција на напаѓачот било тоа што неговата мајка која била оперирана и лекувана, починала на Клиниката.

Лекарот е веднаш опериран и е надвор од животна опасност. Присутните пациенти велат дека не чуле истрели.

„Кога дојдов тука беше веќе затворена вратата, ни кажаа дека има вонредна ситуација.“

„Некој докотр бил ранет, така кажаа“, велат граѓаните кои ги затекнавме на Клиниката.

На Хируршките клиники пристигна и министерот за здравство Никола Тодоров,  директно да се информира за инцидентот. Пациентите чекаа пред вратите на закажаните термини.

„Час и половина веќе чекаме, не се знае дали ќе не примат.“

„Два часа веќе чекаме.“

„Треба да излезе некој да каже- не чекајте, одете си.“

„Ќе почекам да видам дали ќе не примат, ако не се слушнав со мојата матична докторка, па ќе ми презакаже термин“, велат дел од пациентите.

Инцидентот ги исплаши вработените на хируршките клиники. Надлежните веднаш извршија увид на самото место. Додека траеше полицискиот увид, вратите на хируршките клиники беа затворени.

Реагираа и од лекарската комора. Од полицијата информираат дека за инцидентот се приведени тројца млади момчиња од Скопје. Детали најавија во текот на денот. Полицијата е се уште присутна на терен и го истражува случајот.

 

Наташа Гркова- Петрушевска