Либија

Киднаперите лоцирани, Србија очекува позитивен расплет

09.11.2015 14:42

Странските агенции ја пренесоа изјавата на властите од градот Сабрата, каде е извршено киднапирањето, дека тие според телефонските апарати се лоцирани и дека не ги минале пунктовите надвор од градот...

Драмата со двајцата киднапирани службеници од српската амбасада во Либија продолжува. Странските агенции ја пренесоа изјавата на властите од градот Сабрата, каде е извршено киднапирањето, дека тие според телефонските апарати се лоцирани и дека не ги минале пунктовите надвор од градот.

Ова го потврди и државниот секретар во српското Министерство за надворешни работи Вељко Одаловиќ кој изјави дека од либиските власти добиле уверување дека киднапираните службеници ќе се вратат во следните 48 часа, што, како што додаде значи дека киднаперите се лоцирани.

„Едно лице е уапсено, од каде може да се добијат информации. Мерките за безбедност се подигнати на највисоко ниво, така што очигледно е дека постои подготвеност на либиските власти лојални на владата во Триполи да ја решат ситуацијата“, изјави Одаловиќ.

„Досега никој не ја превзема одговорноста за киднапирањето. По се изгледа се работи за криминални групи“, додаде Одаловиќ.

Тој изјави дека е во постојан контакт со амбасадорот на Србија во Либија, Оливер Потежица, кој исто така со сопругата и синовите бил во колоната возила, од која во заседа се киднапирани двајцата службеници и додаде дека киднапирањето било планирано.

Двајцата службеници- аташето Слаѓана Станковиќ и возачот Јовица Степиќ се киднапирани вчера во градот Сабрата на пат кон Тунис, а ранет е еден либијски државјанин. Градот Сабрата се наоѓа на 60 километри од Триполи, и се смета за центар на екстремизмот во Либија, каде дејствува алијансата „Фажр Либија“.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ