Тетовци се гушат во чад, од утре ќе се прскаат улиците за намалување на загадувањето
По примерот на Скопје, од утре и во Тетово ќе се прскаат улиците за намалување на загадувањето. За товарните возила – рестрикции во движењето. Во градот тешко се дише. Екологистите алармираат, докторите советуваат – пациентите со респираторни заболувања да го ограничат движењето на отворено...

Иста мака со години - Тетово урива рекорди по загаденост. Штетните честички во воздухот секојдевно се 10 пати, па и повеќе над дозволеното. Тетовци се гушат во чад.
„Тешко дишеме, особено на овие години тешко е.“
„Некогаш и очите печат, се чувствува многу, особено долниот дел од градот каде што се пали ѓубрето.“
„Секогаш е загадено, можеби сме најзагаден град во светот“, велат жителите кои ги анкетиравме.
Лекарите повеќепати предупредуваа за последиците од аерозагадувањето.
„Апелирам почесто да посетуваат лекар, пациентите кои имаат особено изразени алергиски заболувања. Затоа што таа група на пациенти е многу актуелна и секоја година расте бројот на пациенти кои имаат некој тип на алергиски заболувања“, вели д-р Светлана Трифуновска – специјалист по семејна медицина.
Апелот е пациентите со респираторни заболувња да го ограничат движењето на отворено и да ги слушаат препораките на лекарите.
Загадениот воздух во тетовско го зголеми бројот на граѓани кои секојдневно бараат лекарска помош. Докторите велат дека токму загадувањето е најголем причинител за респираторни и за кардиоваскуларни заболувања.
Чадот во воздухот најмногу се забележува во вечерните часови. Како причинител се посочува грејната сезона, но и депонијата во градот.
„За тоа придонесува и греењето и воздушниот пристисок, и влажноста на воздухот и многу други работи. Ние се искачивме на првото место во светот по загадување“, вели Аријанит Џафери, претседател на здружението „Еко герила“.
Од локалните власти во Тетово не добивме одговор на прашањето - што преземаат за да се намали загадувањето во градот.
Локалните власти велат дека од утре улиците и булеварите во Тетово ќе се прскаат со калциум магнезиум ацетат, со што очекуваат загадувањето во воздухот да се намали и до 30 проценти. Најавуваат строги контроли на инспекторите во индустриските капацитети и посебен режим на на движење на товарните возила.
Андријана Атанасовска
