Утре ќе се објават прогрес- извештаите, земјите ќе бидат рангирани со оценка од 1 до 5

09.11.2015 16:36

Европската комисија утре треба да ги објави извештаите за напредокот на земјитe во процесот на евроинтеграциите. Македонија и годинава очекува да ја добие седмата по ред препорака за почеток на преговорите...

Пакетот годишни извештаи на Европската комисија (ЕК) за земјите пристапнички на Унијата, оваа година ќе биде подготвен во нова форма, која треба да даде појасна слика за напредокот на државите во процесот на евроинтеграциите. Како што дознава МТВ, во новите прогрес- извештаи земјите ќе бидат рангирани со оценка од 1 до 5. Највисоката оценка ќе значи дека државата целосно ги усвоила европските стандарди, додека пак најниска би значела стагнација, или пак заостанување.

„Поголемо место во содржината на извештајот ќе има политичката криза, со оптимизам дека оваа криза е канализирана и има можност да се реши“, рече вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими.

Според експертите, оваа нова методолгија е со цел да се намали можноста за погрешна интерпретација, но и затоа што ЕК нема метод за евентуално одземање на препораката. Инаку, одредувањето на датумот за објавување на извештаите ќе се најде на дневен ред на денешниот состанок.

Во тек е процесот на донесување на одлука во врска со овие извештаи. Би се чувствувал комфорен да ви дадам повеќе информации по денешниот редовен состанок на шефовите на кабинети. Не би сакал да прејудицирам за внатрешните одлуки на овие тела. Штом ќе имам информација, ќе бидете првите што ќе дознаете“, изјави портпаролот на ЕК, Маргаритас Шинас.

Во однос на фактичката состојба за земјите од Западен Балкан и Турција, според аналитичарите, не се очекуваат никакви новини од аспект на евентуалното унапредување во евроинтегративниот процес, а тоа е и повеќе од јасно ако се земе в предвид и најавата на новиот европски есатаблишмент од лани, дека ќе нема нови членки во Унијата во наредните 5 години.

Се очекува Република Македонија и оваа година да ја добие седмата по ред последователна препорака за одредување на датум за почеток на преговорите, но што тоа реално значи за земја која повеќе од 10 години е со кандидатски стаус?! Еминетни полтичари и експерти во Брисел, веќе неколку пати досега повторија дека одолговлекувањето на преговорите може да предизвика тензии и фрустрации во државата, како и намалување на поддршката на јавното мислење.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ