Тодоров: Недозволиво е да се загрозува живот на оној што се бори да го спаси

09.11.2015 16:38

„Недозволиво е да се загрозува живот на оној што се бори да го спаси животот на пацинето“. Министерот Тодоров го осуди инцидентот и побара обвинителството да спроведе темелна истрага, сторителите да се казнат...

„Недозволиво и крајно примитивно е да се загрозува живот на оној кој се бори да го спаси животот на пациентот.“ Осуда за инцидентот стигна од првиот човек на здравство. Министерот Тодоров побара обвинителството да спроведе темелна истрага, сторителите да се казнат.

„Не смееме да дозволиме целиот здравствен систем да биде подриен затоа што постојат чинители кои се спремни на еден нецивилизиран начин да посегнат по животот на еден лекар. Лекарот и да згрешил- за тоа има институции. Не смее никој да зема правда во свои раце“, рече министерот за здравство, Никола Тодоров.

Лекарите го осудуваат инцидентот кој утрово се случи на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, кога нивен колега беше повреден од огнено оружје.

„Овој собир беше спонтан затоа што ние чувствувавме потреба да го изразиме револтот, а револтот е огоромен, буквално на сите. Ако се чувствуваме небезбедно, ако сме постојано под притисок дека некој може физички да не ликвидира, на работното место, тоа значи дека во здравството се случуваат пресериозни и преопасни работи. Постојано имаме тензија, постојано имаме закани од пациенти кои мислат дека се може да им биде дозволени“, изјави д-р Викторија Чаловска. 

„После овој настан многу колеги ќе одат на работа со чувство на несигурност, чувство на страв дека не сме заштитени. Знаете во животот сите ние сме пациенти, и ние и нашите семејства сме пациенти и треба да имаме доверба во докторите. Докторите во овој момент се чувствуваат лошо“, додаде д-р Викторија Вујовиќ.

Надлежните институции ќе останат фокусирани на целосно испитување на случајот и преземање на сите мерки за соодветно санкционирање на сторителите. За ова дело е предвидена  затворска казна во времетраење до десет години.

 

Наташа Јанчиќ